Во присуство на новинари, уредници, синдикалисти, правници и дипломати на 21 март ССНМ ја промовира Белата книга за професионалните и работни права на новинарите.
На настанот присуствуваа претседателот на Меѓународната федерација на новинарите Џим Боумела и потпреседателката Јасмина Поповиќ.
Во поздравниот говор Боумела му честиташе на ССНМ што од неодамна е унапреден во полноправна членка на МФН за залагањата во одбрана на своите членови.
„Горди сме на огромните чекори преземени од страна на вашиот синдикат во напорите да биде репрезент на македонските новинари, но и да се бори за нивните професионални и работни права. Сите задачи и улоги кои ја поткрепуваат мисијата што новинарите ја имаат во денешните општества можат да бидат исполнети само доколку успееме во колективното организирање на нашите работни места градејќи го капацитетот на нашите синдикати да поддржат, поттикнат и предизвикаат промени за подобри работни услови“ рече Боумела за Белата книга.
Поповиќ оцени дека Белата книга претставува важен документ за условите во кои работат македонските новинари . Тие се соочени со огромни притисоци од политичарите, цензурата, краткотрајните работни договори и се плашат за својата работа.
“ Затоа е важно да се види како ќе се обидат, заедно со нивниот синдикат, да се борат за своите права. Белата книга не треба да се смета за завршена работа, туку за платформа за почеток на сериозна борба за слобода и независност на новинарството и новинарите во Македонија. Благодарение на напорите на претседателот на ССНМ и ентузијазмот на нејзините колеги се надевам дека ова постои можност за промена и дека ситуацијата со време ќе се подобри“ рече Поповиќ.
Претседателката на ССНМ Тамара Чаусидис ги посочи предизвиците со кои се соочуваат членовите на синдикатот во нивната борба против несигурната и слабо платена работа, како и притисоците и злоупотребата на моќта од страна на власта.
„Земја без медиуми со независна уредувачка политика, безоглед на изворите на финансирање, е земја во која новинарството бавно умира, а цената за тоа ќе ја плати целото општество“ рече таа.
Книгата е прва евалуација на условите во кои работата новинарите и другите работници во медиумската индустрија.
Во неа се вклучени анализи за обидот на група новинари да ги оспорат отказите во Утрински весник, дел од компанијата МПМ, во тоа време во сопственост на германскиот ВАЦ. Студијата исто така, ги анализира пропустите во Законот за работни односи кои дозволуваат „времените вработувања“ да станат пракса во земјата, како и другите форми на работни ангажмани кшто ги оставаат новинарите и медиумските работици без нивните основни права, вклучително и без здравствено и пензиско осигурување. Ова резултира, како што се вели во студијата, со армија новинари кои работат „на црно“.
Дел од Белата книга е и голема анкета, спроведена од агенцијата за испитување на јавното мислење „М-проспект“ спроведена како телефонско интервју на 300 новинари и која покажува шокантни резултати – 80% од испитаниците сметаат дека еконономско-социјалната положба на новинарите се влошува; повеќе од една четвртите се опфатени со несигурна и привремена работа, кумулативните резултати покажуваат дека неверојатно мнозинство од 96% велат дека се исклучени од процесите и одлуките што директно ги засегаат, мнозинството вели дека применува автоцензура, а 65% се жртви или сведоци на директна цензура. Конечно една третина од испитаниците сметаат дека нивните уредници ги застапуваат интересите на работодавачите.