Годишната награда за Медиум промотор на новинарството како јавно добро – Роберто Беличанец“ 2019 која ја доделива Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) им припадна на Новинската ангенција „Мета“, порталот на албански јазик „Порталб“ и алатката за зголемување на отчетноста „Вистиномер“, изданија на Фондацијата „Метаморфозис“.
На церемонијата која се одржа на 5 ноември во Скопје, беше истакнато дека ССНМ ја воспостави оваа награда со цел поттикнување како на новинарите и медиумските работници, така и на сопствениците на медиуми новинарството да го третираат како јавно добро и да што е можно повеќе да се придржуваат до професионалните и еткичките стандарди.
Наградата ја врачи претседателот на комисијата Гоце Трпковски на главните уредници Зоран Андоновски – Мета, Елида Зулбеари – Порталб и Владимир Петревски – Вистиномер.
Петревски се заблагодари на сите негови соработници и рече дека неколку години наназад напорно работеле да известуваат професионално и објективно и да се бават со што е можно поважни теми од јавен интерес.
Горан Ризаов, раководител на трите медиумски проекти во Фондацијата Метаморфозис рече дека овој пример покажал дека без разлика на големината на медиумите тие мора да се бават со теми кои се важни за граѓаните.
„Ова е признание за макотрпната работа во последната година и ова е доказ дека мали редакции кога работат заеднички сплотено оти имаат сили, имаат моќ да постигнат големи нешта. Се разбира почитувајќи ги професионалните новинарски стандарди, кодексот на новинари на Македонија, но и применувајќи иновативни алатки на презентација на содржините како што се визуелизации на податоци, графички приказ на содржините специјализиран на медиуми и кратки видеа“, рече Ризаов.
Комисијата за доделување на оваа награда имаше три номинации кои дојдоа од самите новинари и тоа: СДК.мк, Фактор.мк и изданијата на Метаморфозис.
Критериуми кои беа земени предвид се: континуирано чувство за општествена одговорност и третирање на новинарството како јавно добро, односно залагање за слобода на изразување, придржување до кодексот на новинари и постојано третирање на теми од јавен интерес, како и коректен однос кон вработените т.е. почитување на работничките и професионалните права на вработените.
Пред доделувањето на наградата се одржа и кратка панел дискусија на тема: Како до медиуми кои го третираат новинарството како јавно добро?
Наградата „Медиум промотор на новинарството како јавно добро – Роберто Беличанец“ почна да се доделува од 2018 година, а го носи името на прерано починатиот борец за слобода на изразување и експерт за медиуми, Роберто Беличанец.
ССНМ ја доделува во партнерство со Македонски институт за медиуми – МИМ, Институтот за комуникациски студии и Media Diversity Institute од Лондон во рамки на проектот „Писменост за вести и дигитална писменост – Справување со лажните вести“, поддржан од Европската Унија.