Денеска се навршува точно една година од инцидентот во Парламентот кога собраниското обезбедување насилно ги исфрли новинарите од законодавниот дом и со тоа грубо го прекрши Уставот на Република Македонија.
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници потсетува дека година дена по инцидентот се уште никој не понесе директна одговорност за тоа што на претставниците на медиумите им беше оневозможено да си ја вршат работата, односно да ја следат собраниската расправа за буџетот и да известуваат. И повеќе, заклучокот на Комисијата за испитување на настаните во Собранието од 24.12.2012 година не гарантира дека вакви инциденти нема да ни се повторат.
По ланскиот 24 декември имаме јасен и нескриен напад врз новинарството како коректор на власта и чувар на демократијата. Ако на 24 декември новинарите беа насилно исфрлени од Собранието,една година подоцна можеме да констатираме дека „исфрлањето“ продолжува преку Законот за медиуми кој се носи нетранспарентно и по итна постапка. „Исфрлањето“ продолжува со селективното финасирање преку реклами за одредени медиуми, преку отпуштањата на нашите колеги и нивно затворање и судење за напишан текст, како и преку игнорирањето на новинарскиот синдикат и работните права на новинарите. Нашите колеги се повеќе се соочуваат со цезура, автоцензура, несигурни и неформални вработувања, а властите со ништо не покажуваат дека имаат намера да запрат со нападот на професијата која е столб на демократијата и чувар на слободата.
ССНМ, една година по 24 декември јавно потсетува дека не сме заборавиле и не се откажуваме од борбата за слободно и професионално новинарство, за пристојни плати и услови за работа.