Новинарката во утринската програма на „Сител“, Кристина Атовска на 8. март годинава добила отказ од медиумот бидејќи два дена претходно напишала колумна во која ја критикува поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Ова денеска го обелодени самата новинарка на пресконференција организирана од Синдикатот на новинари и медиумски работници (ССНМ).
„Конкретно ми беше кажано дека ме бркаат од работа поради колумната со наслов „Новинарски имунитет за Јанкулоска“, ми рекоа текстот направил проблем“, изјави Атовска додавајќи дека би шпекулирала ако посочи дека некој реагирал поради текстот.
„Кога Јанкулоска критикува… (министерка од која многупати се бараше оставка во изминатите пет години и која упорно одбиваше да си замине од удобната фотеља се до посетата на американската амбасада по кумановските случувања), навистина сакам да го поставам прашањето: Нели ви е срам“, напишала Атовска во колумната.
Новинарката објасни дека хонорарно била ангажирана во „Сител“ и оти затоа била ангажирана и во порталот „Позитив“, меѓутоа потенцираше дека отсекогаш ја почитувала уредувачката политика на телевизијата, согласно новинарските стандарди, и дека во Сител никогаш не обработувала актуелни политички теми.
Претседателката на ССНМ, Тамара Чаусидис ја повика ТВ Сител да ја врати Атовска на работа, посочувајќи дека секоја редакција треба да ги цени новинарите кои покажуваат интегритет. Чаусидис најави дека во наредниот период синдикатот ќе обелоденува слични случаи.
„Хонорарците се живи луѓе со име и презиме и вака, на почетокот од кариерата им се затвораат вратите. Ние новинарите мора да се избориме за да се раскаже приказната за Христина“, порача Чаусидис.
Атовска вели дека најверојатно би се вратила на работа доколку раководстовот на Сител се премисли.