Претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите, Дуња Мијатовиќ, во писмото упатено до новиот Министер за надворешни работи Никола Попоски, денес изјави дека е алармирана од драстичниот пад на слободата на медиумите и на продолжената репресија врз медиумите и критичките гласови во земјата.
“За жал, ова е веќе четврти пат во последните два месеца како покренувам разни прашања поврзани со тековното опаѓање на слободата на медиумите. И покрај повторените повици до владата да ја промени ситуацијата и да покаже респект за заложбите за слобода на медиумите на ОБСЕ, се чини дека ситуацијата се влошува,” изјави Мијатовиќ.
Минатата седмица Советот на МРТ, јавниот сервис, соопшти дека го прекинува мандатот на сите седуммина членови на управниот одбор на МРТ на 31 јули, иако процесот на именување на нови членови се уште не е започнат. Оваа одлука го остава управувачкиот одбор без членови и без можност да функционира.
“Од суштинскo значење е кога Советот одлучува за измените во управувачкиот одбор на МРТ да го толкува законот во најдобар интерес во насока на одржување на еден политички и уредувачки независен јавен сервис,” вели Мијатовиќ
Покрај тоа, на 9 август, Тамара Чаусидис, која е претседател на независниот синдикат на новинарите, беше отпуштена без најава, од страна на нејзиниот работодавец, телевизијата Алсат-М. Наводно, Чаусидис била под притисок да ги редуцира своите активности поврзани со синдикатот.
“Иако овој чекор на Алсат-М ТВ би можел да се прикаже како чиста деловна одлука, всушност таа е индикација за високополитизираната природа на состојбите во медиумите и за стравот од критичките гласови” вели Мијатовиќ.
Овие дејствија се последните во серијата на вознемирувачки настани кои ја погодуваат слободата на медиумите во земјата, додаде таа.
Агенцијата за електронски комуникации контроверзно одлучи да ја повлече лиценцата за А1 ТВ, најстарата телевизиска станица во земјата, која се соочува со даночни давачки во висина од 9 милиони евра, а која беше прогласена за банкротирана минатата седмица. Таа беше принудена да престане со емитување програма на 30 јули.
Покрај тоа, три весници запреа со илзегување во почетокот на јули, откако не можеа да ги платат даночните долгови. А1 Тв и дневните весници се под истрага за даночно затајување и перење пари од крајот на 2010 година. Нивните банкарски сметки се замрзнати од 27 јануари.
До затворањето дојде во пресрет на измените на законот за радиодифузна дејност, со кои се зголеми бројот на Советот за радиодифузија од 9 на 15. Дополнителните 6 членови ќе бидат номинирани од тела кои се моментално под контрола на парламентарното мнозинство.
“Овие амандмани се спортивни на целта на законот, која се состои во обезбедување на политичката независност на регулаторната власт,” напиша Мијатовиќ во писмото упатено до властите на 19 јули.
Мијатовиќ им понуди на властите асистенција од страна на нејзината канцеларија при ОБСЕ за да и се помогне на земјата да го сврти овој вознемирувачки тренд и да ги исполни заложбите зацртани од ОБСЕ и меѓународните стандарди за слобода на медиумите.