Обвинителството го толерира говорот на омраза на Неделковски

Датум

Основното јавно обвинителство во Скопје го одби барањето на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинари (ЗНМ), за кривично гонење против Миленко Неделковски за ширење на говор на омраза и загрозување на сигурноста на граѓаните.

ЗНМ и ССНМ,  го обжалија ова решение и се надеваат дека Вишото јавно обвинителство објективно ќе ја процени ситуацијата и ќе отвори предмет против Неделковски за упатени закани и ширење на омраза.

-Синдикатот ја поднесе кривичната пријава поради тоа што насилството, вербалното насилство кое владее во редакциите веќе одамна се прелеа во јавноста. Атмосферата на линч и пресметување со неистомислениците претставува сериозна опасност не само за новинарите туку и за сите граѓани, и се чини дека веке ситуацијата излегува од контрола. А кога ситуацијата излегува од контрола сите се жртви, и оние кои ја поттикнаа и оние кои ја спроведуваат и оние врз кои се спроведува насилството, но не сите се одговорни. Одговорни се оние кои тоа го иницираат и оние кои молчат и не го спречуваат злото. ССНМ нема да молчи, се обративме на надлежните во надеж дека ќе ја препознаат сериозноста на заканата. И нема да молчиме и понатаму. Станува збор за кривични дела по кои се постапува по службена должност па дури и кога институциите молчат – оторот кон злото е во документирањето и именувањето на работите со вистинско име, рече претседателката на ССНМ, Тамара Чаусидис.

 

 

Неделковски на неговиот фејсбук профил ги посочи како предавници новинарите Јадранка Костова, Бранко Геровски, Борјан Јовановски и Сашо Ордановски и им се закани дека ќе ги посети дома за да се пресмета со нив. Со тоа Неделковски поттикна и трети лица да ги напаѓаат новинарите и со тоа ја доведува во прашање нивната безбедност.

Меѓу другото, Неделковски пишува дека во семејството од Брајчино со шиптарска снаа, мислејќи на семејството на новинарот Борјан Јовановски, ќе има циркуси. Со тоа тој шири ксенофобични пораки во јавноста.

ЗНМ и ССНМ, сметаат дека заканите на Неделковски се пораки кои до новинарите ги испраќа врвот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Нивната идеја е да ги заплашат и обесхрабрат новинарите да не пишуваат за масовната злоупотреба на институциите и на кршењето на човековите права.

ЗНМ и ССНМ  потсетуваат дека новинарите не се соочуваат само со вербално насилство и вознемирување, туку  се мета и на физички напади. Во последните четири години, од страна на ЗНМ регистрирани се 25 случаи на насилство против новинари и досега ниеден од нив не е расчистен. ЗНМ и ССНМ го повикаа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, да го оддржи ветувањето и да ги расветли сите овие случаи на насилство против новинари.

 

Останати
објави

Сподели на...