Она што, се разбира, (не)проверено го дознаваме е дека една голема новинската корпорација драматично ја „стенчи“ дописничката мрежа.
За волја на вистината, оваа одлука на менаџментот на најголемата новинска куќа кај нас веројатно не изненади никого, па дури ни самите дописници. На почетокот беа отстранети сите дописници од странство, а и дел од оние од земјава. На некои од оние што беа во постојан работен однос, уште пред околу година дена, им беше понудена хонорарна соработка, а на некои од долгогодишните дописници, едноставно, им беше откажана соработката. На оние, ете, „среќници“ што опстанаа со драстично смалени хонорари деновиве преку мобилен телефон им стасале СМС-пораки дека нивната соработка повеќе не им е потребна , а оние чии мобилни не биле достапни во моментот, пратени им се дури и меил-пораки, па и традиционални писма.
Наводно, станува збор за рационализирање на дописничката мрежа, односно еден дописник да „покрива“ повеќе изданија. Предлог на (Не) проверено е оваа генијална идеја да се имплементира целосно па сите весници да објавуваат идентични текстови, со што заштедата би била уште поголема.