Писмо од Европската федерација на новинарите

Датум

 

  По повод отпуштањето на претседателот на ССНМ Тамара Чаусидис од ТВ АЛСАТ-М со писмо до сопственикот Ферик Велија и до премиерот Никола Груевски се обрати претседателот на Европската федерација на новинарите Арне Кениг. Во писмото се вели:

Почитувани,

Ви пишуваме во име на Европската федерација на новинари (EFJ), регионалната група на Меѓународната федерација на новинари  (IFJ) која застапува повеќе од 260.000 новинари во повеќе од 30 европски земји, за да ја изразиме нашата голема загриженост во врска со ситуацијата во македонските медиуми  особено за произволните отпуштања.

Во јуни 2011 година, на годишниот состанок EFJ усвои Изјава со која се осудува “широко распространетото постоење на неправедни договори  со кои  вработените  се принудени да потпишат сопствен отказ  на почетокот од нивното вработување”. И покрај тоа  во изминатите недели бевме известени дека во прилог на оваа неприфатлива пракса, Претседателот на Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) беше и самата отпуштена од  позиција во Алсат М телевизија од Скопје. Ова разрешување доаѓа откако претходно е отпуштен  друг синдикален претставник.

Ние сме силно вознемирени од широката и загрижувачка практика на отпуштања на  медиумските работници во Македонија, врз основа на договори потпишани под притисок или во отсуство на каква било соодветна мотивација освен наводна “спогодбена согласност”.

Всушност, ваквата ситуација нам ни делува како  бесрамно  кршење на стандардите на Европската унија и Меѓународната организација на трудот  кои се однесуваат на работничките права, а згора на тоа разрешувањето на синдикални лидери заради  нивните активности е јасен доказ за дискриминација и заплашување.

Со цел да се надмине оваа состојба, сметаме дека наспроти ова  Република Македонија треба да развие култура на социјален дијалог, фер работни односи и соодветна синдикална застапеност.

Медиумските работодавачи  како што е телевизијата Алсат-М се одговорни за прекумерен притисок, заплашување на вработените и кршење на работничките права. Со тоа, тие се обидуваат да ги замолчат  новинарите и нивните синдикати, што е во директна  спротивност со основните демократски принципи  за новинарството како јавно добро.

EFJ ги поддржува новинарите на Македонија и нивниот синдикат во нивната борба за правда. Загрижени сме за ситуцијата на новинарите во Македонија и во Југо-источна Европа и заедно со Организацијата на медиуми од Југо-источна Европа (SEEMO) се обидуваме да ги подобриме условите во кои работат.

Затоа ве повикуваме да се заложите во создавањето на фер работни услови за сите новинари.

Со почит,

Аrne König

Европската федерација на новинари (EFJ)

17 Август 2011 година, Скопје

Останати
објави

Сподели на...