Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) денеска ја промовираше Повелбата за услови за работа за новинарите, како и нацрт фер-договори за вработување во дигиталните медиуми.
Повелбата, како и изјава за поддршка на нацрт-фер договорите за вработување беа потпишани од Здружението на новинари на Македонија, Советот за етика во медиумите во Македонија, Онлимит медиа и дигиталниот медиум Види Вака.
Повелбата за условите за работа на новинарите е изработена од Европската Федерација и се однесува на работните услови за новинарите и медиумските работници, но и професионалните и етички стандарди. Содржи 10 члена и тоа: слобода на здружување, право на пишан договор, право на колективно преговарање, недискриминација при вработување, право на одмор и исклучување, право на заштита на новинарските извори, право на непотпишување одредена содржина, безбедност и заштита, добро владеење и етички стандарди и пристојни услови за работа.
Нацрт фер-договорите, пак, се изработени со поддршка од Меѓународната федерација на новинари и тоа во две верзии, една за новинари и една за сниматели и фоторепортери. Во нив се вметнати низа специфични клуазули за новинарската професија кои директно ги штитат работничките права, правото на непотпишување текст и правото да се одбие задача доколку се коси со етичките и професионални стандарди, подобри услови за заштита на авторските права, како и други членови кои создаваат правна основа за овозможување полесно и послободно вршење на основната функција на новинарите и медиумите, а тоа е да бидат чувари на јавниот интерес.
„При изработката на овие нацрт договори за вработување во дигиталните медиуми се трудевме максимално да ги заштитиме правата на новинарите и медиумските работници, а притоа да бидат минимално прифатливи и за сопствениците. Се надеваме дека ова ќе ја крене свеста и кај двете страни дека без социјална и економска сигурност и добри услови за работа, новинарите, а со тоа и медиумите не можат да практикуваат професионално и објективно новинарство“, рече Дарко Дуриданскиод ССНМ.
Од денеска Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници се приклучува во процесот на саморегулација.
“Факт е дека професионалното новинарство не може да постои кога медиумите се соочуваат со финансиски притисоци, цензура и самоцензура, а новинарите со тешки работни услови. Се приклучуваме на иницијативата на ССНМ за подобрување на работничките права на новинарите и медиумските работници и за фер-договори за вработување. Во процесот на создавање на Регистарот на професионални онлајн медиуми ќе им дадеме дополнителна предност на оние редакции коишто се придржуваат на договорите за фер работни услови”, вели Катарина Синадиновска, претседателка на УО на Советот за етика во медиумите на Македонија.
Претседателот на Здружението на новинари на Македонија, Младен Чадиковски ги повика медиумите кои се дел од регистарот на професионални медиуми да ги преземат овие нацрт договори при вработувањето на новинари, сниматели и фоторепортери.
„Не можеме да имаме да имаме добро информирана јавност доколку новинарите и работат во стешки и небезбедни услови. Менаџментот и новинарите треба да функционираат и соработуваат на највисоко ниво и да се штитат едни со други. Повелбата која ја потпишуваме денеска ги оцртува контурите на оваа соработка и насоките како таа треба да изгледа“, рече Чадиковски.
Повелбата за условите за работа на новинарите е изработена од Европската Федерација на новинари во рамките на проектот „Градење доверба во медиумите во Југоисточна Европа и во Турција“ поддржан од УНЕСКО.
Нацрт фер-договорите за вработување во дигитални медиуми се изработени во соработка со Онлимит медиа, а со поддршка на Меѓународната федерација на новинари и Union to Union програмата во рамки на проектот „Кампања за синдикално организирање во дигиталните медиуми“.
Нацрт фер-договор за вработување во дигитални медиуми: