ИСТРАЖУВАЊЕ НА АРТИКЛ 19
Според најновото истражување на британската невладина организација Артикл 19 (именувана според еден од членовите на Универзалната декларација за човекови права), слободата на изразување мерена глобално го достигнала најниското ниво во последните 10 години, пишува Метју Инграм за Колумбија Џоурналисм Ривју.
Овој пад според истражувањето се должи на „дигиталниот авторитаризам“ и заканите кон новинарите. Владите во голем број на земји го зголемија следењето преку интернет, цензурата на содржините, како и санкционирањето на непожелното однесување, се вели во извештајот на Артикл 19.
Истражувањето нотира дека иако имало подобрувања во севкупната слобода на изразување низ целиот свет помеѓу 2008 и 2013 година, во наредните пет години овие придобивки еродирале. Според анализата на Артикл 19 повеќе во 65 земји со вкупно население од над 5 милијарди луѓе во последните 10 години е забележан пад на слободата на изразување.
Истражувањето е направено според пет клучни критериуми за слободата на изразување: 1) граѓански простор, кој ги зема предвид индикаторите поврзани со можноста индивидуалците и граѓанските организации да се здружуваат и да бидат активни; 2) дигитално, критериум кој ја мери цензурата на интернет и слободата за дискусија онлајн и модерирање на онлајн содржините; 3) Медиуми, критериум кој ги мери факторите како што се владина цензура и само-цензура; 4) Заштита, критериум кој ги мери заканите по безбедноста на новинарите и другите комуникатори и активистите за човекови права; и 5) Транспарентност, критериум кој анализира дали законите се транспарентни и е зајакната нивната примена и дали има ефикасни надзорни тела, непристрасна јавна администрација и така натаму.
Правните закани за слободата на изразување продолжуваат да постојат во повеќе земји, се вели во извештајот, „од нејасни и општи национални закони за безбедност до закони кои прекумерно го ограничуваат изразувањето на интернет, како и нови рамки кои делегираат блокирање и отстранувањ на онлајн платформи, кое често се прави без транспарентност и одговорност“.
Овој последен коментар многу јасно е дека е насочен кон Фејсбук, Твитер и Јутјуб, кои веќе подолг период се критикувани за нивните слабо објаснети и често опасни обиди за блокирање на говорот на омраза и друго лошо однесување. Според Артикл 19, слободата на медиумите и дигиталната слобода на изразување „се на најниско ниво во споредба од пред 10 години во сите региони во светот освен на Среднот Исток и во Северна Африка“. Извршниот директор Томас хјуз рече дека многу од заканите не се нови – насилство од државата, судски малтретирања и слично, но организацијата исто така има забележано зголемување на бројот на влади кои „користат дигитална технологија за да ги следат своите граѓани, да ги огранича содржините и да ги прекинат комуникациите“.
Од Артикл 19 велат дека бројот на жалби примени во Советот на Европа за малтретирање и насилство насочено кон новинарите речиси секоја година од 2015, кога е започната програмата на Советот, се удвојува. Во 2018 година, 99 новинари биле убиени, 21 повеќе отколку во 2017 година. На крајот на 2018 година повеќе од 250 новинари биле во затвор (исто така зголемување во споредба со претходната година) и повеќе од 10 проценти од нив биле затворени поради објавување „лажни вести“.
Анализата на Артикла 19 вели дека најголем број на пријави за малтретирање и насилство доаѓаат од Турција, Русија, украина, Азербејџан и Франција, и во повеќе од половината од пријавите се вели дека изворот на заканите е државата. Истражувањето исто така нотира дека во 2018 година имало јасен тренд кон „вербални навреди и јавна стигматизација на медиумите и новинарите во многу земји членки, вклучувајќи и од избрани официјални лица и тоа посебно во предизборието“.
Еден од најголемите фактори за падот на слободата на изразување и слободата на печатот според Артикл 19 е подемот на авторитарни лидери во политиката во повеќе земји, карактеризирано со стари лидери кои се држат до власта и нови лидери кои доаѓаат на власт со игнорирање или видоизменување на уставите во земјите, потпирајќи се на мрежи од кронизам и корупција и промовирајчи „цврста форма на мнозински популизам, кој исклучува, поларизира и замолчува, оди против браните во демократските институции и ограничувања“.
Текстот е дел од публикацијата на ССНМ која е помогната од Европската Унија, како дел од проектот „Писменост за вести и дигитална писменост: Справување со лажните вести“ имплементиран од Македонски институт за медиуми, Институт за комуникациски студии, Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници и Медиа дајверсити институт.