Самостојниот синдикат на новинари и медиумските работници по повод меѓународниот Ден на жената бара од медиумските организации и од властите да ја препознаат, да алармираат и да ја запрат дискриминацијата на новинарките и медиумските работнички, да ги урнат бариерите, а трудот на жените да го вреднуваат еднакво како и на мажите. ССНМ бара и сите засегнати да се спротистават на сексуалните малтретирања и уцени, а таквите случаи да се санкционираат и казнат. Воедно сметаме дека и новинарите треба да ги наметнуваат во јавноста темите поврзани со насилство врз родова основа и да се обидат да наметнат општествена дебата со која ќе се овозможи препознавање и надминување на проблемот со насилството.
ССНМ како членка на Меѓународната федерација на новинари (МФН) се приклучува во барањето упатено до медиумските организации и властите да се соочат со насилството врз жените новинари обезбедувајќи сигурност во работната средина за жените во медиумите. Во ноември 2013 година МФН почна и со глобална кампања за да се осуди насилството врз жените новинари и да се алармираат властите за да се стави крај на неказнивоста на овие злосторства.
МФН побара од медиумските организации и властите да ги преземат неопходните мерки за да осигураат дека новинарките може да ја извршуваат својата работа со целосна безбедност применувајќи соодветни и сериозни санкции против сторителите на насилството во редакциите и со специфични обуки за жените новинари да овозможат тие да научат како да се справат со физичките напади и закани додека ја извршуваат својата работа .