На барање на ССНМ синоќа беше остварена средба помеѓу ЕУ посредникот во преговорите за излез од политичката криза и спроведување на договорите од Пржино – Питер Ванхут, и делегација на раководството на Синдикатот на новинарите и медиумските работници.
Во разговорот посредникот беше запознат со моменталната ситуација но синдикалното организирање во медиумите и со проблемите со кои се соочува Синдикатот. Беа констатирани некои барања на ССНМ и беше разговарано за начините на кои може да се помогне преку влијание во тековните преговори за поглавјето за медиумите.
И во оваа прилика ССНМ предупреди дека состојбата со слободата на новинарите во смисла на нивната егзистенција и права на работен однос во медиумите е многу лоша и дека генерално, постои одбивност на сопствениците на медиумите за синдикално организирање на новинарите. Покрај тоа, постојат и закани за нивниот работен ангажман доколку некој новинар или медиумски работник се изјаснат за член на ССНМ. Поради оваа причина во Синдикатот постојат т.н тајни членови – феномен, незамислив за модерно демократско општество во 21-виот век
ССНМ на средбата ги поддржа предлозите на ЗНМ за надминување на проблемите инсистирајќи тие да не бидат сведени на краткорочни решенија и кадровски пазарења, а меѓу другото побара и:
1. ССНМ, како единствен вистински заштитник на работните права на новинарите и медиумските работници на ниво на гранка, да биде застапен со свој членови во Програмскиот совет на МРТВ и во Советот на Агенцијата за медиуми.
2. Дополнително зацврстување на уставната и законските гаранции дека синдикалното организирање е слободно и никој не може да трпи последици од таквата активност, конкретно и во медиумите, преку измена и дополнување во Законот за медиуми, конкретно членот 9 од Законот, каде што би се вградила ваква цврста гаранција за основното право на вработените во медиумите.
3. Политичките партии во власта и во опозицијата писмено да се обврзат (во форма на декларација, повелба, итн.) дека ќе се залагаат да обезбедат законски услови (пристапување и поттикнување на социјалниот дијалог и прагот на минималната плата во дејноста) и политичка клима за почитување и вреднување на трудот на новинарите и другите медиумски работници.