Самостојниот синдикат на новинарите на Македонија, ги ПОВИКУВА сите медиумски работници кои се загрижени за својата иднина, стравуваат за своите работни места или од политички реваншизам и одмазда, да се зачленат во ССНМ.
Во овој период на политички пазарења и медиумски турбуленции, сведоци сме дека партиите, сопствениците на медиумите (вклучително и државата), кон медиумските работници се однесуваат како кон своја сопственост при што безгрижно и со закана по нивната егзистенција ги ставаат во позиција на извршители на своите пропагандни активности.
Ве потсетуваме дека во актуелните преговори политичките партии одбија во разговорите да ги вклучат и да се соочат со претставниците на медиумската заедница .
Знаеме дека медиумските работници може да бидат “четвртата власт” во државата, но единствено доколку се организираме и спротивставиме на воспоставените односи. Само како поединци дозволуваме да бидеме покорувани од политичарите со уцена по нашата егзистенција.
Колеги, треба да знаете дека доколку се загрозени Вашата егзистенција и вашето работно место, единствен законски посредник и Ваш заштитник по сила на закон е синдикатот. Само синдикатот може да преговара со Вашиот работодавач и да презема мерки за Ваша заштита.
Заедно сме посилни, а со нашата солидарност можеме да се избориме за наша подобра работна положба и егзистенција.
Приклучете ни се! Заедно сме посилни! Нашата сила доаѓа од бројката, а бројката започнува со Вашето зачленување!