Власта сака да го контролира СРД

Датум

Здружението на новинарите на Македонија(ЗНМ), Македонскиот институт за медиуми(МИМ) и Самостојниот  синдикат на новинарите и медиумскит работници(ССНМ) изразуваат сериозна загриженост во однос на  предложените измени на Законот за радиодифузна дејност, со кои се предлага менување на структурата и бројот на членовите на Советот за радиодифузија (СРД) од 9 на 15 членови.

Промената на важни закони како што е овој , во брза постапка која не ги вклучува медиумите, експертите и релевантните организации во медиумската сфера дополнително ја комплицира ситуацијата со медиумите во земјава, а ние го толкуваме ова решение како наметнато.Убедени сме дека секоја промена на регулативата која се однесува на медиумите секогаш треба да се разгледува и да се усвојува  внимателно, преку  транспарентен и отворен процес во кој потребите и сознанијата на медиумските професионалци, експертите и професионалните медиумски организации  ќе бидат земени предвид.По објавувањето на нашата  реакција  во однос на ова прашање на 12 јули, побаравме итна средба со претставници на парламентарната група која предлогот за измени на Законот го поднесе во Собранието, како и со одговорните органи за оваа дејност во Владата.

На 14 јули остваривме средба со пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев, кој е првопотпишан пратеник на листата на подносители на предлог-законот, а на 15 јули се сретнавме и си министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески.
Во разговорите побаравме предложените измени на Законот да бидат повлечени, а Владата и Парламентот да иницираат јавна расправа за проблемите во медиумската сфера, во која ќе се вклучат претставници на медиумите, на професионалните медиумски организации и експертите. Нагласивме дека ова  е добра можност да се разговара и да се изнајдат решенија за сите тековни прашања и проблеми во оваа област.
За жал, нашиот предлог не беше прифатен, и ни беше кажано дека предлагачите се уверени оти предложените измени на Законот ќе ја подобрат ефикасноста на СРД.
Врз основа на овие сознанија, сеге сме убедени дека намерата на предлагачите е Владата и владејачките партии да остварат комплетна контрола врз СРД. За нас, ова  прашање е многу сериозно затоа што независноста на СРД е клучна за независноста на електронските медиуми.
Свесни сме дека  Законот за радиодифузија не се спроведува најуспешно и дека пропустите во неговата имплементација придонесоа за лошата медиумска состојба во земјава, за што предупредувавме многупати досега.
СРД има голема одговорност за сегашната состојба со медиумите, но не  веруваме дека  со зголемувањето на бројот на неговите членови проблемите ќе бидат решени.
За крај, со жалење констатираме дека кај институциите во Р. Македонија не постои искрена намера да се отпочне сериозен дијалог со медиумската заедница за решавање на акумулираните проблеми. Разочарувачки е фактот што регулативата што се однесува на медиумите секогаш се носи во последен момент, во кратки и нетранспарентни постапки.

Останати
објави

Сподели на...