Во Паркот на новинарите одбележан Денот на слободата на изразување

Датум

3 maj 2014

Преставници на ССНМ, МИМ , ЦРМ , Иницијативниот одбор за ослободување на новинарот Томислав Кежаровски во Паркот на новинарите го обележаа Меѓународниот ден на слободата на изразување 3 мај.

 -Светот го одбележува 3 Мај, Меѓународниот ден на слободата на медиумите. Македонија не го одбележува! Затоа што нема што да одбележува- порача членот на извршниот одбор на ССНМ Владо Апостолов.

Од синдикатот сметаат и дека новинарите и медиумските работнци мораат да работат без страв од одмазда, без закани и насилство, без корупција и уцдени.

– А сите оние што работат во медиумите знаат: во една држава во која во континуитет се затвораат медиуми, во која се затвораат новинари поради вршење на својата работа, во која се пресудуваат бесмислено високи казни за навреда и клевета, во која има неразјаснети погибии на новинари… тоа, едноставно, не може да се каже. Заштитата на новинарите, безбедноста на новинарските работни места и укинувањето на „деликтот на мислење“ се далечни поими во земја во која владее цензурата и самоцензурата, каде што говорот на омраза не само што поминува неказнето, туку и се стимулира, каде што политичките и економските центри на моќ ги диктираат уредувачките политики, каде што постои нетранспарентност врз сопственичките структури на медиумите, каде што владеачката политичка елита е неселективно заштитена од критичкиот збор…- рече Апостолов.

Синдикатот порачува и дека затоа 3 Мај, денот што повеќе од две децении светот и’ го посветува на слободата на медиумите е можност и новинарите во Македонија да потсетат дека не постои слобода без слобода на медиуми, дека не постои демократија без судир на мислења, дека новинарството е една од најбитните професии во изградбата на демократските капацитети.

Директорката на Македонскиот институт за Медиуми (МИМ) Билјана Петковска оцени дека рангирање на медиумските слободи во Македонија од страна на светски органзации е објективен одраз за тоа што реално се случува на медиумската сфера во земјата и дека ниеден обид за дискфалификација и игнорирање на овие оценки нема да придонесе кон подобрување на медиумскит слободи.

-Дојде до целосна политичка колонозација на сите аспекти на медиумскиот систем, по што политиката зазеде целосна доминација. Не постои држава во светот во која има слобода демократија, политичка и економска демократија, благосостојба на граѓаните, без да има основни медиумски слободи и права-рече Петковска.

Во име на Иницијативниот одбор за ослободување на Кежаровски, Зоран Димитровски апелираше до Апелациониот суд да пресуди во корист на новинарот и да ја поништи одлуката на Основниот суд Скопје 1.

– Помина една година од 26-ти април кога нашиот колега беше уапсен, притворен и осуден на казна затвор од 4,5 години за дело кое не го сторил. До денеска тој се наоѓа во притвор, тоа е домашен притвор, но сепак е загрижен за својата физичка слобода и за егзистенцијата на своето семејство. Сакам да ја потсетам судската власт, односно Апелациониот суд што побрзо да донесе ослободителна пресуда, да ја поништи одлуката на првостепениот суд затоа што нашиот колега нема никаква вина за делото за кое се обвинува – изјави новинарот Димитровски.

Тој побара надлежните органи да му овозможат на Кежаровски слободно да работи за да обезбеди приходи за егзистенција на неговото семејство.

Останати
објави

Сподели на...