Зошто ни треба синдикат

Синдикат е доброволна организација на работници која се темели на заеднички интерес и меѓусебна солидарнот. Новинарите, фоторепортерите, снимателите и сите кои учествуваат во медиумскиот производ се – работници и затоа им е потребен синдикат кој ќе ги штити нивните основни работнички и професионални права.

Синдикатот ги обединува сите – независно од нивната партиска, етничка или каква било друга припадност, сите имаат ист интерес: подобри услови за работа и подобра плата.

Само здружени новинарите и другите медиумски работници можат да ги променат работите и да ги остварат своите интереси. Сопствениците нема да ги сметаат за релевантни поединечните барања, но работниците организирани во силен сидикат нема да можат да ги игнорираат.

Не смееме да дозволиме да не исплашат заканите и забраните на сопствениците за формирање синдикат. Тоа е основно човеково право и неговото кршење е спротивно на законот, Уставот и меѓународните конвенции на кои Македонија е потписник.

Сегашната ситуација на тоа поле е речиси катастрофална. Многу колеги работат на црно, без годишен одмор, без платено прекувремено, боледување и слично.

Квалитетен колективен договор ги регулира овие прашања и сите други кои се однесуваат на нашите социјални и професионални права, но за да биде рамноправен партнер во колективните преговори синдикатот мора да има доволен број на членови. Неговата сила е неговото членство и подготвеноста на тоа членство да се избори за своитеправа. Раководството на синдикатот го претставува и го застапува, но синдикатот се членовите, не претседателот!

Со други зборови: синдикатот ги брани правата на работниците во согласност со законот и колективните договори склучени со работодавачите, а успешен е онолку колку секој негов член е подготвен заедно со другите да ги брани своите права.

Затоа што заедно сме посилни! 

  1. Синдикалните права се основно човеково право!
  2. Нема слободни медиуми во услови на сиромаштија, корупција или страв.
  3. Само синдикат може да преговара и потпише  колективен договор кој ќе ги штити работничките, социјалните и професионалните права на медиумските работници!
  4. Без взаемна солидарност нема силен синдикат!
  5. Синдикатот ги штити своите членови!