Зошто треба да се биде член

Секој синдикален член ужива вистинска, а не само формална заштита од Синдикатот на новинари и медиумски работници на Македонија.

Ниту една организација, група или поединец не може кај работодавачот да ги заштити и промовира интересите на новинарите и другите медиумски работници. Единствено синдикатот е законски овластен да преговара со сопствениците на медиумите и со нив да потпишува колективни договори, да преговара за решавање на различни спорови, како и за подобрување на општите, животните и работните услови на вработените во медиумите.

Освен со колективните договори синдикатот има можности и пред сé моќ и со различни други активности, методи, кампањи да се бори за заштита на материјалните, работните, социјалните и статусните права на своите членови. Преку демонстрации, штрајкови, организиран притисок може да се принудат сопствениците да ги почитуваат своите обврски и со достоинство да се однесуваат кон правата на вработените според постојните законски одредби. Синдикатот може и треба да бара да се изменат неповолните одредби на законите кои се однесуваат на синдикалните членови и бескомпромисно и со сите средства да ги брани нивните законски права доколку некој не ги почитува.

Синдикатот може ефикасно да ги заштити правата на своите членови кои се во работен однос, без разлика дали се вработени на неопределено или определено време, хонорарно, соработници кои работат со договор за дело, или без никаков договор. Има начини да се заштитат и невработените членови, а синдикатот може да се избори и за неисплатените плати на хонорарните соработници и да инсистира да се вратат на работа оние кои биле незаконски отпуштени. Синдикатот може успешно да ги штити правата и во областа на социјалната заштита, безбедноста и здравјето при работа и она што особено е важно, да се бори за зголемување на сигурноста на работните места.

Синдикатот може да обезбеди и бесплатна правна заштита за неговите членови. Адвокатите со кои соработува ССНМ им се достапни на членовите во случаи кога ќе одлучат да го тужат работодавачот поради отказ, неисплатени плати, малтретирање на работното место итн.

Ако синдикатот е финансиски моќен неговите членови ќе може да формираат солидарни фондови кои ќе се користат не само за решавање нафинансиските проблеми на некои членови, туку и за помош на оние кои од какви било причини штрајкуваат подолго време.

Новинарите во медиумите во кои синдикатот ќе потпише колективен договор ќе имаат поголема сигурност за работното место, професионални и социјални права, отколку во медиумите со кои нема да се склучи колективен договор.

Поради динамиката и исклучително стресното работно место медиумските работници повеќе страдаат од физичка и ментална исцрпеност отколку другите професии. Токму затоа, колективните договори кои што ќе ги склучува синдикатот ќе овозможуваат поголема сигурност и похуман однос особено кон повозрасните членови.

Со склучувањето на колективен договор преговарачката позиција на секој член на синдикатот ќе биде многу посилна и подобра при потпишување на поединечни договори за вработување бидејќи ќе може кај работодавачот да се избори за подобри услови за работа и повисоки плати.

Важен фактор за одбраната и заштита на интересите на новинарите и медиумските работници се синдикалните претставници, кај кои членовите секогаш можат да се обратат за помош при решавањето на нивните проблеми. Ако работодавачот во медиумската организација одбие да разговара со работникот кој со него се обидел да го реши проблемот, тоа не може да го стори и со синдикален претставник, бидејќи со закон е оврзан да соработува со него. Тој е негов правен партнер во решавањето на проблемите на вработените во медиумска компанија.

Во многу ситуации работодавачот посакува да ги реши проблемите само со поверениците. Повеќето новинари и медиумски работници не се информирани, но работодавачите добро знаат, дека на разговор не мора да го примат новинарот, но мора да го примат повереникот кој ги штити нивните интереси. Раководството исто така знае дека тогаш не разговора само со повереникот како личност, туку со Синдикатот и подружницата која легитимно ги претставува своите членови.

Искуството покажува дека онаму каде што не постои синдикат работодавачите можат безмилосно да ги искористуваат новинарите и медиумските работници, да им ги кратат платите, да им даваат бедни хонорари и кршејќи го законот да им го откажуваат работниот однос и соработката. Веќе долго време сме сведоци како некои “медиумски богови” даваат откази кога според нивните пресметки еден новинар не ги дава очекуваните приходи, што нема никаква врска со пазарната економија, туку претставува класична злоупотреба. Сé додека на сопственикот му е потребен новинар, тогаш е добро, а кога тој веќе не му е потребен, тогаш следува бркање на улица. Праксата новинарот преку ноќ да го изгуби работното место без никаков паричен надоместок ќе се спречи во медиумите со кои синдикатот потпишал колективен договор и ја регулирал отпремнината.

Постојат многу причини зошто треба да се зачлениме во синдикат. Единствено синдикално организираните новинари и медиумски работници можат да се спротивстават на експлоатацијата и манипулацијата наметнати од работодавачот, практика во која само спогодбено решение на проблемите во редакцијата може да придонесе за подобро работење и социјален мир

Синдикатот може да издејствува многу работи меѓу кои можеби и најважната, што подобро на работодавачот да му го продадеме нашиот труд. Кај нас висока плата најчесто имаат само т.н. новинарски ѕвезди, кои во некои случаи се „заложници“ на сопствениците или на владата, а некогаш се подобни поединци на кои често им се дадени на користење автомобили, кредитни картички, мобилни телефони и други бенефиции, вклучувајќи и станови.

Оваа пракса наведува многумина да мислат дека со поданичко, полтронско, безрбетно и послушно однесување ќе ја подобрат својата позиција, па залутани во таа безизлезна и слепа улица можат да ги загубат човечкиот и професионалниот дигнитет. Со таков менталитет, работата на новинарите може да злоупотреби и да се манипулира а сето тоа доведува до намалување на слободата на самите медиумски работници. Во такви услови тешко се создава синдикат. Новинари што се плашат за своите работни места и се слаб противник на оние кои сакаат да ги злоупотребат.

Со малку повеќе лична и професионална храброст може да се зајакне новинарскиот синдикат со што тој ќе ја зголеми својата моќ. Во Италија, новинарите штрајкуваат ако само еден новинар незаконски е отпуштен од работа. Во земјите со развиена демократија е незамисливо работодавачот работните односи во редакцијата да ги уредува само по свој правилник и други негови акти, туку тоа го прави исклучиво во преговори со новинарите, или со склучување на колективни договори.

Кај нас работодавачите сосема поинаку се однесуваат кон неорганизираните новинари отколку кон оние кои се членови на својот синдикат. Ова го потврдува практиката на синдикатите во сите земји и затоа наместо ламентирање за сопствената немоќ, енергијата треба да ја насочиме кон разбивање на апатијата и недостигот на интерес за сопствената судбина.

Точно е дека сопствениците и уредниците имаат моќ и дека во многу медиуми играјќи си со егзистенцијата на одлични професионалци и со ширење фатализам се доведува до влошување на состојбата во новинарството. На тоа најдобар одговор е зачленувањето во синдикатот на новинари и медиумски работници. Голем број новинари сметаат дека своите проблеми можат сами да ги решат со работодавачот, меѓутоа бројни примери и искуства укажуваат на тоа дека оние кои не се членови на синдикатите често се изложени на милост и немилост на бизнис интересите на работодавачите. Членството во синдикатот на секого му влева сигурност и му дава сила да излезе со повеќе храброст и достоинството да се бори за своите права бидејќи тој знае дека не е сам.

Синдикатот има законска можност да учествува во донесувањето одлуки. Бидејќи голем број работодавачи во трката за поголема заработувачка и борба со конкуренцијата настојуваат и новинарската етика да ја подредат на своите комерцијални интереси задачата на синдикатите е во тоа да ги спречат.

Впрочем, сето она што новинарите ќе го постигнат во преговорите со работодавачите е една од клучните мерки за слободата на медиумите во Македонија. Само новинарите кои се избориле за својот цврсто дефиниран статус, соодветна професионална улога, материјални и социјални права кои се поголеми од законскиот минимум, можат да бидат слободни, а само професионално и економски слободен новинар може да генерира слободни медиуми.

Синдикатот зависи од секој негов член и од нивната доверба дека може да ги застапува. Ниту едно раководство на синдикат нема да може да се избори за материјалните, социјалните и професионални права на новинарите ако зад него не стои членството. Затоа во синдикатот треба да бидат зачленети што повеќе медиумски работници за да може што полесно да се изборат за своите интереси.

Секогаш имајте на ум дека интересите на работодавачот и на работниците не се исти. Работодавачот бара со најниска цена да постигне поголем профит, а новинарите за вложениот труд сакаат да добијат повисока плата и други бенефиции. Во овој постојан конфликт на капиталот и трудот, ССНM во преговорите ќе побара да се постигне рамнотежа меѓу овие навидум непомирливи интереси, при што вработените во медиумите не смеат да останат лишени или пак оштетени.